- Едно од најголемите и најжестоки дербија, шкотското Олд Фирм меѓу Ренџерс и Селтик веќе извесно време (2 меча лани и 2 годинава) се играше без присуство на гостински навивачи, поради огромен ризик од навивачки нереди.
- Шкотската фудбалска федерација соопшти дека од следната натпреварувачка сезона 2024/2025 Ренџерс и Селтик ќе можат да водат свои навивачи на гостинските стадиони кога ќе играат против вечниот ривал.
- Досега тоа беше оневозможено на последните 4 меча поради тоа што трибините не беа во целост одвоени и постоеше голем ризик од незапаметени нереди. Одлучено е за гостите да има по 5% од вкупниот капацитет на стадионот што значи дека околу 3.000 навивачи на Ренџерс ќе одат на „Селтик Парк“ и околу 2.500 „Келти“ ќе одат на „Иброкс“.
- Со 200 милиони долари од плата во Ал Наср и 60 милиони од маркетинг, Кристијано Роналдо по четврти пат во кариерата е најплатен спортист во светот.
- Најплатените 50 спортисти во последниве 12 месеци заработиле 3,8 милијарди долари, што е за 13% повеќе од ланскиот рекорд, делумно поради парите од Блискиот исток, пишува Форбс. 76% од тие пари ги добиле од плати, бонуси и парични награди.
- Меѓу нив најмногу има од НБА (19), од НФЛ 11, додека фудбалот е на трето место со 8 претставници.
- Зад Роналдо на листата е голферот Џон Рам, а трет најплатен спортист за изминатава година е Меси со 135 милиони.
- Потоа следуваат Леброн Џејмс со 128 милиони долари, Јанис Антетокумбо (111 милиони), Килијан Мбапе (110), Нејмар (108), Карим Бензема (106), Стеф Кари (102). Никола Јокиќ заработил 56 милиони долари и е на 32-рото место, а Лука Дончиќ е 34-ти со заработка од 55 милион долари.
- Македонските ракометни арбитри Славе Николов и Ѓорѓи Начевски се делегирани од ЕХФ за финалето на елитната Лига на шампиони. Николов и Начевски ќе го комплетираат неверојатниот круг со арибтража на финале на Светско првенство, Европско првенство, Олимписки Игри и Лига на шампиони.
- На Фајнал Форот во култната „Ланксес Арена“ во Келн за трофејот ќе се борат Магдебург - Алборг и Барселона - Кил. Победниците од полуфиналните дуели ќе играат во големото финале на 9. јуни од 18:00 часот.