Америка рушелa ирански дронови повеќе од Израел

Израел како свој триумф ја славеше неодамнешната одбрана на земјата од иранските ракети и дронови кои се одмаздуваа за израелскиот напад на нивниот конзулат во Сирија. Сега испаѓа дека Американците срушиле повеќе од половината смртоносни честитки пратени од Техеран. Подоцна Израел возврати но Иран им порача дека со такви дронови кај нив деца си играат.   

САД собориле повеќе беспилотни летала и проектили отколку Израел за време на нападот на Иран, објави Интерсепт повикувајќи се на извори во американската авијација.

Таа одбрана не беше израелски туку триумф на Америка која командуваше со мултинационална операција за противвоздушна одбрана која се протегала од северен Ирак до јужниот Персиски Залив. За време на операцијата, САД, Велика Британија, Франција и Јордан го собориле мнозинството ирански беспилотни летала и ракети. Улогата на Саудиска Арабија останува не до крај јасна. 

Во тој напад кој беше одмазда за израелското ракетирање на иранскиот конзулат во Сирија, Техеран имал сериозни технички проблеми. Американски извори тврдат дека половина од она што било испукано не успеало или при лансирањето или во лет поради технички проблеми. Од преостанатите 160 дронови, САД собориле повеќе од половината.

Израел тврди дека повеќе од 330 беспилотни летала, нисколетечки крстосувачки ракети и балистички проектили биле лансирани од Иран, вклучително и околу 30 крстосувачки ракети од типот Паве, околу 180 беспилотни летала Шахед и 120 балистички ракети со среден дострел Емад. Речиси сите беспилотни летала и крстаречки ракети биле лансирани од иранска територија, нешто ситно и од внатрешноста на Јемен.

Повеќето израелски и западни медиумски извештаи тврдат дека ниту една од крстаречките ракети или беспилотни летала не успеале да влезат во израелскиот воздушен простор.

Потоа Израел возврати на овој напад но Техеран им одговори дека така несериозен напад не вреди за воен одговор.

24 април 2024 - 11:24