Беверли од Милвоки удри гледачка со топка

Индијана Пејсерс го совлада Милвоки Бакс 120:98 и со 4:2 во серијата го исфрли некогашниот шампион од доигрувањето за титулата. Пејерс им набија таква фрустрација на Бакс што бекот на вториве Патрик Беверли пред крај на мечот два пати со топка намерно силно гаѓаше една навивачка на Индијана Пејсерс. За ова го чека суспензија.

„Има 35 години, нема 18 да прави вакво нешто, го чека суспензија сигурно“, прокоментира Чарлс Баркли во студиото после мечот:

ИНДИЈАНА ВО ПРВО ПОЛУФИНАЛЕ ПОСЛЕ 10 ГОДИНИ

Индијана Пејсерс се пласираше во полуфинале на Истокот каде ќе се сретнат со Њујорк Никс кој ја елиминираше Филаделфија со идентични 4-2.

До голема победа Индијана ја водеа Оби Топин со 21 поен и осум скока, Ти Џеј Меконел со 20 поени, 9 асистенции и четири украдени топки и Паскал Сијакам со 19 поени, седум скока и четири асистенции. Голем удел во триумфот на Пејсерс имаа и Тајрис Халибартон со 17 поени и 10 асистенции и Арон Најсмит со 14 поени.

Ова е прво полуфинале во доигрување за Индијана на Истокот уште од 2014-та година.

Кај поразените Милвоки Бакс најефикасни беа Дамјан Лилард со 28 поени, Боби Портис со 20 поени и 15 скока, Брук Лопез со 20 поени и Крис Мидлтон со 14 поени и осум скока. Јанис Андетокумбо лидерот на овој тим отсуствуваше поради повреда на мускулниот лист.

Првиот меч меѓу Индијана и Њујорк Никс во полуфинале на Истокот ќе се игра ноќта меѓу понеделник и вторник.

3 мај 2024 - 10:42