Климатизмот ја напушти науката и стана идеологија

Како резултат на глобалната паника околу темата и драмолетките на Грета Тунберг, многу млади искрено се уплашени дека нема да стигнат да пораснат бидејќи дотогаш климатските промени ќе ја уништат Земјата и животот на планетата ќе го снема. Професор од Кембриџ ја смирува тензијата. Не сме на ивица на пропаста а климатизмот се оддалечи од науката и стана идеологија.

Професорот Мајк Хулм тврди дека не сме на чекор до Апокалипсата дури и да не го стигнеме рокот за постигнување на фамозното „нет-нула“ на емисиите на стакленични гасови.

Вели дека му станала мисија да ги демантира оние кои го тврдат спротивното.

Во својата најнова книга „Климатските промени не се сè“, Хулм тврди дека уверувањето околу климатските промени излегло од територијата на науката и станала идеологија.

Тој е професор по човечка географија на Универзитетот во Кембриџ, оваа идеологија ја нарекува „климатизам“ и тврди дека го дефокусира човечкото внимание од останатите зла и опасности со кои се соочува, монополирајќи ја загриженоста само околу затоплувањето.

Постојат и други важни морални и политички цели - како што е помагањето луѓето во земјите во развој да излезат од сиромаштијата, потсетува тој. 

Како и другите „изми“ и климатизмот како идеологија обезбедува начин на размислување за нештата, кои ни помагаат да го разбереме светот, според однапред дефинирана рамка или структура.

Накратко, Хулм потврдува дека климатските промени се проблем, но не се ниту единствениот ниту пак најважниот.

3 мај 2024 - 12:35