Тејлор Свифт со омаж за Клара Боу

Една песна од новиот албум на Тејлор Свифт, The Tortured Poets Department, е во чест на славната, често во погрешни улоги ангажирана хероина на американскиот феминизам, Клара Боу.

Боу била далеку пред своето време - актерка што стоела и зад својот успех и зад својата сексуалност. Популарната перцепција е дека Боу била роб на сопствените демони, но нејзината приказна не треба да се гледа како приказна за една пропадната глумица со која се плашат млади девојки, напротив.

Кариерата ја почнува во родниот Њујорк, каде што во 1921, на 16-годишна возраст победува на натпревар за убавина и како награда добива мала улога во филм. Ја користела секоја можност да биде на сет и да учи вештини - доаѓала рано, си одела касно и изучувала како да работи со камери и светла. Токму нејзината грациозност и професионалност го дефинирале нејзиниот успех.

Во Холивуд се преселила во 1923 и во серија улоги успевала да го привлече сето внимание на себе. Станува позната по усните, флертувачките очи и црвената коса, и станува Hollywood’s hottest jazz baby.

Постојано е мета на трач-колумни и односот со медиумите ѝ е топло-ладно. Има статии за оргии и абортуси, па приказни за успех. Весниците пишувале дека ја мачат нервни сломови, несреќа во љубовта и дека е премногу дрска, но фановите секако ја обожавале.

До 1929 добива 45000 обожавателски писма месечно. Истата година, масовно се копира нејзиниот изглед. Цел век пред Eras турнејата на Тејлор Свифт, постоел нејзиниот бренд на „американска женственост“. Но, колку и да била моќна, не можела да ја контролира сопствената кариера. Договорите биле евтини, ангажманите ѝ ги диктирале мажи на чело на студијата и барале нонстоп да работи. Изморена, во 1930 има и кажано за еден медиум дека „луѓето не сфаќаат дека студијата се фабрики, дека стануваш во седум и напорно работиш цел ден во лоши услови. Луѓето не знаат затоа што студијата не сакаат тоа да се знае.“

Семејството ѝ се растурило, послугата ја крадела, еден пријател и личен асистент ѝ украл пари и продал нејзини тајни на списанијата, имала проблем со коцкање, со ментално здравје, сето тоа алчно прибирано од новинари за сочни наслови. За нешто повеќе од деценија, снимила 58 филмови.

И на крај решила дека ќе биде по нејзино и дала отказ.

Во раните 1930 го напушта Холивуд и се сели во рурална Невада на ранчот на нејзиниот сопруг, Рекс Бел. Новинарите не знаеле каде е. Некои се прашувале дали пропаднала заради бруклинскиот акцент и доаѓањето на звучните филмови, a Боу всушност се вљубила. Им се родиле двајца синови, за Бел кажувала дека е единствениот што несебично ѝ се посветил и никогаш не се развеле, иако со тек на време, Боу се вратила во Калифорнија и на старост живеела во Санта Моника со нејзината пудлица Ејнџел. Многу читала и уживала да украсува за Божиќ.

Излегува дека Боу не била жртва на своето време, ниту отфрлена од општеството во Холивуд затоа што била скандалозна. Едноставно ги напуштила и едвај се завртела назад.

Тејлор Свифт и Клара Боу имаат многу заедничко: метеорско вивнување во слава врз основа на труд и талент, серија внимателно набљудувани љубовни врски, правни драми со менаџери и поранешни пријатели, сето тоа по весници. И двете ги имаат редефинирано очекувањата за тоа што треба да биде една (американска) жена.

Клара Боу немаше своја „Тејлор-верзија“, но имаше храброст да им покаже среден прст на мажите што ги направи богати и моќни.

Сега Свифт ја враќа под рефлектори за бис и за цела нова генерација фанови да може да ја цени.

23 април 2024 - 00:00